Македонија
3. March 2017 - 13:55

Советување за кавадаречките пензионери како да се заштитат од кражби

Советување за кавадаречките пензионери како да се заштитат од измами и кражби, организираше денеска полициската станица од општа надлежност од Кавадарци. 

 
- Целта е превентивно да се влијае да се спречат појавите на измама и кражби меѓу припадниците од третата доба кои се мета на измамници и крадци, рече Димитар Каракулев, инспектор за превенција. 
 
Tој меѓу другото им укажа на пензионерите дека никогаш на пазари, панаѓури и такви места каде што има голем проток на граѓани, каде што има гужви и турканици, да не се носат поголеми суми на пари, бидејќи криминалците не седат со скрстени раце.
 
- Ги следат уште од вадењето на нивните пензии, на пари од банкомати, се движат по нив и во првата згодна прилика кога ќе има такво ненадејно движење, кога вниманието на жртвата ќе биде на една страна, тие го користат тоа и од нивните џебови, јакни, ташни и така натаму ги вадат нивните новчаници, мобилни телефони, на тој начин вршат кражба, појасни инспекторот.
 
Задоволство од соработката со полицијата изрази и Ристо Анѓушев, претседател на Здружението на пензионери од Кавадарци. 
По советувањето, во рамките на меѓусебното дружење, се одржа и спортски натпревар на кој претставници на полицијата и пензионерите си ги одмерија силите во шах, табла, пикадо и домино. Двете страни кажаа дека не е важно кој ќе победи, важно е дружењето.