Македонија
23. August 2019 - 17:05

Советот на јавни обвинители го доби извештајот за притворот на Јанева - нема најава кога ќе заседава

На кој начин ќе се бира наследникот на Катица Јанева, Советот на јавни обвинители ќе одлучува идната недела. Писменото известување за статусот на Јанева денеска пристигна во Советот, но недостасуваат списи. Седницата ќе биде закажана откако членовите ќе ги добијат сите неопходни информации за истарагата Рекет.

По оваа седница ќе биде познато дали Советот на јавни обвнители преку Собранието ќе ја отпочне постапаката за разрешување на Јанева поради нестручно и несовесно работење или сепак ќе се постапува според законот за јавно обвинителство и Советот ќе постави в.д. шеф на СЈО до изборот на нов.

Мандатот на Катица Јанева истекува на 15 септември. Дотогаш се прават напори и за политички договор за новото законско решение со кое ќе се реши статусот на СЈО.

Власта најавува нови преговори од понеделник. Опозицијата останува на ставот дека овој закон треба да донесе со консензус, а не преку политички игри.

Очекуваме како партија и јасно апелираме дека на првата седница по завршувањето на одморите на пратениците, ќе биде Законот за Јавното обвинителство. Суштинска е потребата од носењето на еден таков закон, а се во интерес на воспоставувањето на правната држава во Република Северна Македонија. Очекувам дека сите мои колеги пратеници дека ќе се издигнат навистина над партиските интереси и во функција на правото, правната држава и секако во интерес на граѓаните со консензус да го донесеме Законот за Јавното обвинителство, вели Костадин Костадинов портпарол на СДСМ.

Со или без договор помеѓу власта и опозицијата, законското решение кое Владата веќе го испрати до Собранието, пратениците ќе го разгледуваат на 27 август односно на првата седница по завршување на летните одмори. Овој закон за јавно обвинителство е поднесен со европско знаменце и ќе се разгледува по скратена постапка. За негово донесување е потребно 2/3 мнозинство кое власта се уште го нема обезбедено.