Балкан
3. October 2021 - 13:08

Состојбата во северно Косово стабилна по прекинот на блокадите и повлекувањето на специјалците

 – Косовската полиција информира утрово дека патиштата кои водат кон премините Јариње и Брњак на границата со Србија се отворени за сообраќај и состојбата се нормализира по речиси двонеделната блокада од страна на косовските Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на полицијата се наведува дека безбедносната состојба во тој дел на земјата е добра, додека „полициските патроли, вклучително и пограничните, продолжуваат да ги извршуваат своите законски задачи и обврски“.

По постигатиот договор на претствниците на Косово и Србија со посредство на Европската унија, вчера беа прекинати блокадите на патиштата, а специјалните единици на косовската полиција се повлекоа од граничните премини Јариње и Брњак. Контролата на овие премини ја презедоа единиците на меѓународната воена мисија во Косово, КФОР, кои ќе останат во регионот во наредните две недели. Кризата во односите меѓу Приштина и Белград настана откако косовската влада на 20 септември почна да ја спроведува одлуката за задолжително опремување со времени регистарски таблички на возилата кои влегуваат од Србија преку косовските гранични премини. Со ова Приштина воведе реципроцитет кон истите мерки кои Белград од пред десетина години ги спроведува за возилата кои влегуваат од Косово во Србија.

Граѓаните од српска националност во северно Косово се спротивставија на таа мерка и во знак на протест ги блокираа граничните премини Јариње и Брњак меѓу двете земји. Косовските власти упатија специјални полициски единици за обезбедување на граничните премини, а Србија одговори со испраќање оклопни возила и со надлетување со воени летала на пограничната област. Во петокот, во Брисел беше постигнат договор меѓу двете држави за решавање на прашањето со регистарските таблички, на тој начин што на нив ќе се ставаат стикери врз ознаките „РС“ (Република Србија) и „РКС“ (Република Косово) при влез од едната држава во другата.