Бизнис
29. November 2021 - 20:22

Состојбата со енергетската криза е алармантна предупредуваат од Стопанската Комора

Дел од бизнисот ќе стави клуч на врата ако итно не се обезбеди електрична енергија. Во услови кога цените на берзите секојневно растат, а дистрибутерите им ги откажуваат нарачките или им бараат повисока цена, моменталната состојба компаниите ја нарекоа алармантна. Згора на тоа, маржите кои си ги наплатуваат снабдувачите се превисоки, од  10 до 15 отсто, што дополнително им ја билда цената. Фирмите тоа не можат да го издржат, поготово малите, алармираат бизнисмените.

- Ситуацијата е ургентна. Цената порасна од 5 до 7 пати, а зимата уште не сме ја виделе. Цената од трговците е загрижувачка. Затоа имаме лоши сигнал , особено од производителите на храна, кои не можат да го издржат ударот од поскапата струја, изјави Антони Пепшев, извршен директор на Стопанската Комора.

Во моментов има странски компании кои имаат обезбедено доволни количини струја од матичната земја, по пониска цена, но не можат да ја донесат, затоа што треба да бидат регистрирани снабдувачи, за што им требаат еден куп лиценци. За им помогне на сите фирми, Стопанската Комора формира друштво, кое ќе се обиде да  обезбеди доволна количина струја, по пониска цена од берзанската.

- Ако треба ќе молиме, ќе плачеме, ќе лажеме, само да донесеме поевтина струја, додава Пешев.

Се чека да проработи и ТЕЦ Неготино, кој вишокот би им го продавал на фирмите по пониска цена.  Според најавите кои ги добиле од Владата, рестартот на ТЕЦ Неготино ќе биде оваа недела.