Свет
18. April 2020 - 13:06

Состојба со Ковид-19 до 13 часот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.261. 397 лица. Од нив, починати се 154.726, а излекувани се 579.187 лица.

– Во Кина вчера биле потврдени 27 нови случаи на инфекцијата со коронавирус, соопшти Националната здравствена комисија. Од нив, 17 случаи биле увезени од странство, објави руската агенција Тасс.

– Во Русија во послендите 24 час уште 4.785 нови лица се заразени со вирусот, со што вкупниот број на пациенти достигна 36.793 во сите региони. Иако во Москва речиси 21.000 лица  се заразени со Ковид-19, вклучувајќи ги и и 2.649 од новите случаи, локалните власти велат дека градот успеа да го избегне експлозивниот раст на епидемијата.
„Тоа е прва скромна, но многу важна победа“, изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на својот блог.

– Вкупниот број на заразени со коронавирус денеска во Јапонија го достигна прагот од 10.000  регистрирани случаи , јавува телевизијата НХК. Досега во оваа земја умреле повеќе од 200 лица, а главниот град, Токио, кој вчера соопшти за нови 201 случај, е најтешко погоден од пандемијата.

– Уште 16 пациенти, претежно постари лица кои имаат хронични заболувања, починаа во Унгарија од коронавирусот, со што бројот на загинати е зголемен на 172, соопштено е утринава на владината страница коронавирус.gov. ху. Пријавени се и нови 71 случај на заразени со што вкупната бројка сега е зголемена на 1.834, пренесоа унгарските медиуми.

– Индонезија денеска соопшти за уште 325 нови случаи на коронавирус,  со што вкупниот број на заразени во оваа земја достигна 6.248. само во последните 24 часа во земјата умреа 15 лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 535, изјави претставник на Министерството за здравство.

– Во Германија во последните 24 часа се потврдени 3.609 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигна на 137.439, посочи Институтот за инфективни болести Роберт Кох. Ова е четврти ден по ред на зголемување на бројот на новозаразени.

– Бројот на смртни случаи од коронавирусот во САД достигна 35.400, пренесуваат британските медиуми. Во Калифорнија, бројот на загинати надмина 1.000, а тоа е осмата американска држава која забележа повеќе од 1.000 смртни случаи, а е прва на Западниот брег. Заразени се повеќе од 700.000 луѓе, а бројот на зарази е зголемен во последните три дена. Најголем дневен раст на заразени лица е забележан на 10 април, кога биле пријавени 35.715 нови случаи.

– Тајланд објави дека во земјата се регистрирани уште 33 случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број заразени сега изнесува 2.733. Во Бангкок се регистрирани 11 нови случаи. Во послендите 24 часа нема пријавени нови смртни случаи, а излечени се 1.787 лица. Тајланд од јануари досега има пријавено  47 смртни случаи.

– Шефот на кабинет на нигерискиот претседател, Аба Киари, вчера почина од послециците на Ковид-19, на Твитер објави портпаролот на претседателот. Кјари (70) имал и други здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес. Тој бил главен помошник на 77-годишниот претседател Мухамед Бухари и еден од најмоќните луѓе во земјата, пренесуваат британските медиуми. Нигерија има 493 потврдени случаи на коронавирус и 17 смртни случаи.

– Нови 578 случаи на коронавирус и 60 нови смртни случаи се пријавени во Мексико, со што вкупната бројка на заразени се зголеми на 6.875, а на умрени на 546 лица. Здравствените власти во оваа земја, сепак,  проценуваат дека вистинскиот број на заразени лица може да достигне дури 55. 000 лица

– Според последните информации, во Црна Гора се регистрирани уште два случаи на коронавирус, што бројот на заразени се зголеми на 305. Институтот за јавно здравје на Црна Гора објави дека станува збор за случаи во Плав и Подгорица и дека двајцата имале контакти со претходно потврдени случаи, пренесува РТЦГ.