Македонија
9. December 2015 - 13:04

Состанок за Предлог-стратегијата за реформа на правосудниот систем

Консултативен состанок во врска со подготовката на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2016 – 2020 година, изработена со стручна и логистичка поддршка на Проектот за подготовка на програмата за поддршка на правосудниот сектор и ИПА 2010 проектот за понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки, се одржа денеска во Скопје.

- Стратегијата се однесува на долгорочната реформа на македонскиот правосуден сектор, кој претставува комплексен систем од меѓусебно поврзани институции и области што се протегаат низ разни гранки на власта (судска, извршна и законодавна), а при тоа ги вклучува и независните тела, како и приватните дејности и професионалните здруженија, рече министерот за правда Аднан Јашари на состанокот.

Дефинирани се клучните институционални и тематски блокови за цели на предлагање на реформски интервенции во судството, казнено-правниот систем, пристапот до правдата и транспарентност, политиката и координација, управното правосудство и информациските системи и е-правда.

Посочи дека како дел од спроведувањето и следењето на Стратегијата ќе го промовираат и вклучувањето на граѓанскиот сектор и донаторите од меѓународната заедница, вклучително и на Европската унија, со што на овие клучни партнери ќе им се овозможи да дадат свој придонес во целиот процес.

- Убеден сум дека дискусиите и коментарите ќе придонесат за подобрување на текстот на Стратегијата како суштински значаен стратешки документ, а воедно ќе помогнат и за надминување на некои дилеми во однос на одредени прашања пред нејзиното конечно усвојување, рече Јашари.

Настаните од овој тип, како што додаде, се важни бидејќи само преку отворена дебата ќе може да се справиме со предизвиците кои ни престојат, а се од значење за интеграцијата на Македонија во Европската унија

Според него, реформата во правосудството не смее да заврши со донесувањето на Стратегијата. - Зголемувањето на свеста кај сите одговорни фактори за потребата од реформи има клучна улога во имплементацијата на Стратегијата од што во голема мера ќе зависи успешноста во функционирањето и развојот на правосудниот систем што е наша заедничка цел, додае Јашари.

На состанокот присуствуваа претставници од Судскиот совет, Врховниот суд, апелациските судови, основните судови, Управниот суд и Вишиот управен суд, Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Академија за судии и јавни обвинители, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Управата за извршување на санкциите, Адвокатската комора, Нотарската комора, Комората на извршителите, Комора на медијатори, како и невладини организации.