Македонија
13. February 2019 - 16:17

Сопругот на Мира Стојчевска унапреден, дедото на Кирацовски вработен во ЕЛЕМ

Високи функционери на власта продолжуваат да вработуваат свои роднини. Работно место во се поатрактивниот за вработување ЕЛЕМ доби и Борче Поповски, татко на сопругата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Кирацовски го потврди вработувањето на неговиот дедо, но како што рече за Сител, станува збор за неатрактивно работно место.

“Таткото на мојата сопруга е вработен во ДООЕЛ ФОД – Фабрика за опрема и делови, преку приватна агенција за вработување. Со индигнација ги отфрлам грубите инсинуации и алудирањето дека јас како функционер сум го вработил. Не е и некоја особена работа со која може да се пофали човек”, наведува генералниот секретар на владејачката партија.

ЕЛЕМ е ново работно место и за претседателот на СДСМ во Гостивар Зоран Ангелов. Првиот човек на општинската организација добил договор на неопределено време во хидроцентралата Маврово.

Не стивнуваат обвинувањата ниту за пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска. По информациите дека во ист ден таа успеала да ги вработи својот син и брат во ЕЛЕМ и во РЕК Битола, обелоденето дека нејзиниот сопруг е унапреден во командир во Шумската полиција во Делчево.

Демант за оваа информација стигна од Министерството за земјоделство.

“Во случајот не станува збор за унапредување и назначување, туку за времено овластување и извршување на работни задачи без дополнителен финансиски надомест. Бидејќи нема друго лице со високо образование-Шумарски факултет, вработениот Ило Стојчевски кој е единствениот во оваа станица со вакво високо образование е овластен да ја води станицата, бидејќи законски за застапување и поднесување на пријави во судовите, вработените треба да имаат високо образование”, велат од Министерството.

За нов случај и епидемија од непотизам во владеачките структури обвинуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Од Владата велат дека анализата на последните партиски вработувања е почната и таму каде што ќе се покаже протекционизам, тие работни договори ќе бидат повлечени.

ЕЛЕМ засега е водечко државно претпријатие за вработување на роднини на функционери од власта. Покрај дедото на Кирацовски, плата од ова државно претпријатие добиваат и синот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска, ќерката на спикерот Џафери, како и сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, а роднини на владејачки фунцкционери добија работа во повеќе државни институции.

Последните случувања со партиските вработувања станаа предмет на потсмев.