Македонија
24. July 2017 - 14:42

Собраниска делегација учествуваше на состанок во Цетиње

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Максим Димитриевски и претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, Емил Димитриев учествуваа на меѓународниот состанок на тема „Регионална безбедност и соработка“, што се одржа од 21 до 23 јули во Цетиње, Црна Гора.

Од собраниската служба за информирање соопштија дека состанокот бил организиран од страна на Комисијата за одбрана и безбедност на Парламентот на Црна Гора.

На состанокот биле присутни и членовите на Комисиите за одбрана и безбедност и шефовите на постојаните делегации во Парламентарното собрание на НАТО од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Словенија, и Србија. Овој меѓународен состанок бил можност учесниците да разменат искуства поврзани со регионалната безбедност и соработка, како и со актуелните безбедносни предизвици.

Од страна на делегациите на Комисиите за одбрана и безбедност од парламентите на земјите кои учествуваа на настанот едногласно била истакната поддршката за пристапувањето на Република Македонија во НАТО алијансата и полноправно членство во истата. Исто така, се потенцирала важноста и потребата од негувањето на политиката за добрососедските односи, целосната посветеност на регионалната соработка и спроведување на реформите во делот на одбраната и безбедноста.

Како заеднички заклучок од сите учесници на настанот било констатирано дека кога се зборува за прашања поврзани со безбедноста и сигурноста, како држави треба да бидеме свесни дека ниту една земја не е доволно силна за да се справи сама со миграцијата, транснационалниот криминал и борбата против тероризмот. Поради тоа се укажува на потребата за тоа дека нивото на соработка меѓу сите земји во регионот мора да продолжи и дека сите заедно треба да се стремиме за спроведување на мерки и иницијативите во насока на зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот.

Претставниците од Република Македонија ја истакнале подготвеноста и желбата на Комисијата за одбрана и безбедност преку Собранието на Република Македонија да биде домаќин и организатор на следниот Меѓународен состанок на членовите на Комисиите за одбрана и безбедност и шефовите на постојаните делегации во Парламентарното собрание на НАТО.