Балкан
30. January 2020 - 13:09

Следниот месец министерска конференција во Солун за европската иднина на Западен Балкан

На 24 февруари 2020, во Солун ќе се одржи конференција за поддршка на европската перспектива на регионот, на која ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на балканските земји членки на ЕУ и шефовите на дипломатиите на земјите кандидати за членство од Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Конференцијата е дел од грчките иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите во регионот, а беше најавена на крајот на ноември, на редовниот брифинг со новинарите во Министерството за надворешни работи на Грција, кога портпаролот Александрос Гениматас ги спомена активностите што планира да ги преземе Атина.

Претстојната конференција ја споменаа и шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас за време на неговите вчерашни средби во Подгорица и Загреб и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис на средбата со комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји.

На средбата со шефот на хрватската дипломатија, Гордан Радман, Дендиас рече дека за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ, Грција ќе соработува и ќе има конструктивна позиција, особено во однос на „зајакнувањето на регионалната соработка и промоција на европската перспектива на соседите од Западен Балкан“.

– Со интерес го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во мај и особено ја цениме вашата поддршка за Министерската конференција што ќе се одржи во Солун на 24 февруари. Од витално значење е, што е можно поскоро да се даде зелено светло за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија, со цел да се даде понатамошен импулс за реформите во двете држави и да се обезбеди стабилност во поширокиот регион. Секако, под услов да се исполни поставената условеност, рече вчера Дендиас од Загреб по средбата со Радман.

Грчкото МНР информира и дека за време на нивната вчерашна средба во Брисел, Варвициотис упатил покана до комесарот Вархеји да присуствува на конференцијата во Солун.

Паралелно, Варвициотис ја изразил посветеноста на Грција во процесот на проширувањето и ја поддржал европската перспектива на Македонија и Албанија, а според грчкото МНР, тој ја „потенцирал важноста на добрососедските односи, како и почитување на обврските од страна на соседите“.

– Сакаме да одиме напред и да ја испратиме пораката дека Балканот може да ѝ верува и да се потпре на ЕУ и на Брисел, истакнал Варвициотис, додавајќи дека проширувањето може „повторно да биде визија за граѓаните на балканските земји во период кога Европа ја загуби нејзината динамика“.