Македонија
14. November 2019 - 16:35

Сител сторија - инвалидите Најдовски и Јовановски во нов обид да добијат инвалидска пензија

Бане Најдовски од Ајватовци минатата недела повторно поднесе барање за добивање на инвалидска пензија. По петти пат ќе се најде пред Комисијата за утврдување на работната способност од каде досега добива негативен одговор и покрај тешките болести што ги има со години. 59 годишниот Најдовски доставил лекарски наоди од клиники и болници во кои е наведено дека има деменција а користи и пелени за возрасни. Бане минатиот месец добил негативен одговор и на претставката доставена до Министерството за труд и социјала, но со напомена дека повторно може да бара пензија со нова документација за промените во здравствената состојба. Ист одговор на претставката добил и Ацо Јовановски на кого левата страна од телото му е нефункционална по прележан мозочен удар пред 6 години. Иако и Јовановски и Најдовски поседуваат бројни медицински извештаи за нивната тешка здравствена состојба а користат и туѓа нега бидејќи не се способни да се грижат сами за себе, директорот на ПИОМ не верува дека тешко болни ги одбиваат за инвалидска пензија.

-А дека тешко болни не добиваат пензии тоа не држи, не верувам дека е така, вели Шаип Зенељи, директор на ПИОМ

По сториите на Сител за Најдовски и Јовановски, невролози излегоа со став дека лица со деменција и со последици од мозочен удар не можат да бидат работоспособни. Дури и експерти најавија дека има иницијатива за промена на правилникот согласно кој работат комисиите за инвалидски пензии а кој е непроменет повеќе од 7 години. Но директорот на ПИОМ вели промени нема.

-Поентата што е, кој рече дека има смена..Ќе има комплетна реформа во делот на комисиите за инвалидски пензии, лекарите таму се специјалисти и работат согласно правилници, вели Зенељи.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не добивме појаснување за каква реформа зборува директорот и дали мислел на целосната промена на овој систем што го најави министерката Царовска, во кој сегмент треба да бидат опфатени и комисиите за мобилност, туѓа нега и сите да функционираат под едно тело.

И додека надлежните најавуваат промени, Најдовски ќе чека повик за да оди на Комисија а Јовановски е во очекување на одговор на жалбата што ја доставил до Управниот суд.