Свет
19. October 2015 - 18:59

Сириските бунтовници добиле нова пратка противтенковски ракети

Сириските бунтовници, кои се борат против армијата на Башар ал-Асад и неговите сојузници јужно од Алепо, добиле нова пратка од противтенковски ракети од американско производство, информираа британските медиуми.

Три групи, поврзани со Сириската слободна армија, за Ројтерс изјавиле дека добиле нови пратки ракети, откако е почната офанзивата на сириската армија, поддржана од ирански борци и либанската група Хезболах. 

Извори од една од бунтовничките групи наведуваат дека количествата добиени ракети не се доволни за одбивање на напади од таков размер.

Оружјето во Сирија се доставува преку Турција и тоа од државите противнички на режимот на Башар ал-Асад. Вооружувањето за бунтовниците е дел од програмата на САД, која вклучува и воена обука, а е предводена од ЦИА.

Според информации на директорот на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, Рами Абдел Рахман, бунтовниците со добиените наведувачки противтенковски ракети од петокот до сега во регионот на Алепо уништиле најмалку 11 воени цели.