Македонија
28. October 2019 - 16:41

Синдикатот на македонските дипломати бара нова систематизација за службениците во МНР

Систематизацијата во Министерството за надворешни работи, која стапи во сила во јули годинава отвора можност за деградирање на дипломатите. Новиот Македонски дипломатски синдикат бара итно да се повлече и новата систематизација да се донесе во преговори со нив.

-Бараме неселективна примена на Законот за надворешни работи, што сега не е случај, каде што се пропишани условите за унапредување. После три години во едно звање, после четири во друго итн. Тоа не се применува и затоа имаме арбитрерни унапредувања по желба на работодавачите, што не секогаш се поклопува со реалните квалитети на младите дипломати, вели претседателот Зоран Добиќ.

Според Добиќ, во Македонија за жал партиските врски се уште влијаат при одбирањето кадар и нивното унапредување. Но, посочува дека постојат и случаи каде дипломатите унапредуваат според својот квалитет и искуство.

Добиќ предупреди и дека Македонија во последната година нема амбасадор во НАТО иако овој период е клучен за членството на државата во Алијансата.

Синдикатот е формиран пред три недели, досега се приклучиле 90-тина членови. Главна цел на дипломатскиот синдикат, според Добиќ, е дипломатите да влијаат во донесувањето одлуки, стратегии и закони во Министерството за надворешни работи.