Бизнис
26. March 2018 - 11:12

Синдикатот на Еурокомпозит со протест пред фабриката

 Синдикатот на прилепски „Еурокомпозит“ не се откажува од протест и штрајк. Изутрината членовите на синдикатот беа на протест пред влезот на фабриката од 8 до 9:30 часот.

Според Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот изутрината од раководството ја добиле одлуката дека им е забранет влезот во фабриката поради суспензиите на синдикалните членови што тие не ги признаваат.

- Кога дојдовме ја видовме одлуката од директорот дека не смееме да влеземе во фабриката поради суспензиите што ние не ги признаваме. Вработените беа присутни од изутрината и штрајкуваа, дел влегоа во погоните, дел си заминаа. Им укажавме на вработените да одлучат како сметаат и доколку сакаат да влезат во погоните, ние нема да ги спречиме, ниту имаме право на тоа. Но, се изјаснија дека сите ни ја даваат поддршката, изјави Богданоски.

Синдикатот вели дека не излегле на блокада на патниот правец Прилеп-Градско на излезот од градот зашто имало најави дека ќе се смени раководството.

- Очекуваме дека во најскоро време ќе се смени раководството, а одредена најава добивме од прилепскиот градоначалник и поради тоа ја одложивме блокадата на патниот правец. Доколку се смени раководството ќе се исполни и тој услов во договорот со Владата: добивме просечна републичка плата, по една да добиваме месечно, да се смени раководството и во рок од шест месеци да се реши судбината на компанијата. Во тој период ние ќе работиме, рече Богданоски.