Бизнис
10. July 2020 - 12:37

Синдикатите бараат породилно отсуство од 12 месеци

Пократка работна недела, подолго породилно отсуство, договори на определено време само во исклучителни услови, враќање на старосна пензија по остварен стаж, но и по дејност. Синдикатот ги испорача своите барања за заштита на работниците до новата Владата, која ќе се формира по изборите. Велат дека новиот закон ги содржи европските и светски тенденции во работата.

-Се залагаме за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до една година, 38 часовна работна недела, породилно отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД, целосно остварување на правото на годишен одмор, сабота и недела денови на неделен одмор, унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите, изјави Дарко Димовски, претседател нa ССМ.

Работниците извршуваат различни задачи по тежина, затоа Синдикатот ќе се залага и за воведување повеќе услови за пензионирање. Правото кој начин ќе го изберат да биде на самиот работник.

-Затоа е потребно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на градежен работник, на текстилен работник, на удар од оној работник на пример што е вработен во администрација. Доколку се утврдат различни услови на пензионирање тие ќе бидат со право на избор на работниците, а не задолжителни, од волјата на работникот ќе зависи под кои услови ќе сака да се пензионира, додава Димовски ССМ. 

Синдикатот пресметал и дека за задоволување на основните месечни потреби на едно 4 члено семејство му се потребни 33.500 денари. Ако двајцата  сопружници земаат минимална плата од 14,500, значи не можат да си ги задоволат ниту минималните услови за живот. Затоа Синдикатот ќе бара загарантираната плата да изнесува најмалку 60% од просечната, по текот на  европските држави.