Македонија
12. March 2018 - 15:23

Синдикалната организација на Саса најавува штрајк во среда

Синдикалната организација на рудникот „Саса“, која е членка на Синдикатот МЕСО, најави штрајк во среда барајќи зголемување на платите до 20 проценти од нето добивката на рудникот, подобрување на условите за работа, регулирање на стажот и работното време.

Штрајкот ќе почне пред управната зграда во 7 часот, а покрај него најавен е и протест којшто ќе почне еден час порано од автобуската станица на патот кој води кон рудникот.

- Повикани беа работодавачите на 5 март, 8 март и денеска да дојдат да преговараме, но, за жал очигледно тие не сакаат социјален дијалог и социјална спогодба за решавање на правата на работниците, изјави денеска Драги Јовановски, претседател на синдикатот МЕСО. 

Одлуката за штрајк, како што изјави Јовановски, е потврдена и од страна на Собранието на рударската синдикална организација на кое учествувале над 280 рудари.

Според Јовановски, во синдикалната организација на Саса членуваат околу 380 членови и тие се мнозински синдикат.