Македонија
2. December 2016 - 16:27

Сијарто оптимист дека Македонија наскоро ќе почне преговори за членство во ЕУ

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто го дели оптимизмот на австрискиот колега Себастијан Курц, дека Македонија наскоро може да ги почне преговорите за членство во Унијата. Унгарија силно лобира Македонија да ја напушти, како што ја нарече ,,професијата кандидат’’ и да го добие заслуженото место во Унијата.

За унгарскиот министер е неприфатливо и апсурдно земјата која ја брани Европа од мигрантскиот бран, што доаѓа од Грција, членка на Шенген зоната и натаму да стои пред вратите на Европа. Затоа се бара од сите членки на Унијата да се спречи вето за почеток на преговорите со Македонија. Дополнително Сијарто смета дека Македонија мора да добие поголема финансиска поддршка од Унијата за спречување на мигрантскиот бран.

За шефот на унгарската дипломатија нема ништо спорно што се обраќа и на партиски митинг на сестринска партија, бидејќи слична посета имал и во Србија. Тој ќе ја пренесе унгарската поддршка за македонските евро-интеграции, а одлуката останува на народот.

Во тој контекст, министерот Попоски рече дека главниот успех кој може да се мери за секој политичар, министер, член на Влада е токму создавањето пријатели, меѓу нив секако и Курц и Сијарто.

На средбата Попоски - Сијарто станало збор и за унапаредување на економската соработка, а најавено е отворање и директна авионска линија Скопје - Будимпешта во текот на април следната година.