Македонија
6. May 2021 - 21:18

Што ќе донесе утрешната средба Мицкоски - Пендаровски

Повторно судење и евентуално намалување на драконските казни за осудените за настаните од 27 април ќе значи релаксирање на политичката атмосфера. Аналитичарите сметаат дека наговестувањето за повторно судење би ја намалило тензијата меѓу двете најголеми политички партии, чии ставови се дијаметрално спротивни на оваа тема.

Од опозицијата велат дека целта на утрешната средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и претседателот на државата, Пендаровски, е да се дојде до правда за осудените од 27 април.

Утрешната средба за аналитичарите е позитивен сигнал дека во иднина ќе продолжи ваквата пракса, а ќе изостане традицијата од минатото кога претседателот на државата често се игнорираше како институција.

И шефот на државата смета дека таквиот чекор води кон враќање на политичкиот дијалог во земјава.

Добро е што по девет месеци некомуницирање, ВМРО-ДПМНЕ воспоставува комуникација со институцијата претседател, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, вели Пендаровски во изјава за Дојче Веле.

Одмрзнувањето на односите помеѓу претседателот и опозицкста партија го поздрави и премиерот Заев, кој смета дека државата од ова може да има само корист.

Нека има дијалог, Од тоа нема зијан. Гледате, мојата средба со Мицкоски, а потоа и со Зијадин Села и со Африм Гаши даде делумни резултати. Во однос на осудените тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи, вели Заев.

Средбата Пендаровски-Мицкоски е закажана за утре во 15 часот.