Македонија
8. February 2023 - 14:53

Штипските советници донесоа повеќе одлуки за воведување автобуски превоз

Штипските советниците денеска изгласаа повеќе одлуки за воведување градски превоз, што и официјално ќе го врши ЈП „Стипион"- Штип.

Општинскиот сообраќаен инспектор, Оливера Блажева вели дека со одлуките утврдени се должностите, обврските на вработените и корисниците на превозот, начинот на кој ќе се одвива јавниот превоз, по кој принцип ќе се вози, како и бојата на возилата. Додавањето на нова дејност на ЈП „Стипион" следи по двата неуспешни обиди од страна на општината да воведе јавен превоз.

- Во измените се утврдени точните начини на работа на ЈП „Стипион" кои ќе се вршат врз основа на годишна Програма, должностите на јавното претпријатие, обврските на вработените и корисниците на превозот. Утврдена е и унификација на возилата со црвена боја, условите кои треба да се исполнуваат, вели Блажева.

ЈП „Стипион" ќе набави шест автобуси, кои ќе се движат на шест линии во Штип и тоа осум пати во текот на денот. Штипскиот градоначалник, Иван Јорданов најави дека веќе се подготвува документацијата за набавка на автобусите.