Македонија
21. April 2021 - 12:30

Штипјани се соочуваат со големи проблеми со крадци

Во Кочани не стивнуваат кражбите од домовите и помошните објекти. Сега на мета се имотите на жителите на населбата „Усова Чешма“. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како среде бел ден тројца крадци насилно се обидуваат да ја пробијат заштитната ограда и да влезат во дворот. Не ги спречува ниту тоа што сопствениците се внатре во домот. Ден пред тоа, најверојатно истата група, била фатена на лице место во обид за кражба и е повикана полиција.

- Околу 13.30, во вршење кривично дело „тешка кражба во обид“ затекнати се 2 лица и тоа, едно на возраст од 26 години и едно малолетно, 15 годишно лице. Истите се лишени од слобода и приведени во полициската станица во Кочани, изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Иако полицијата навремено интервенирала во односниот случај, граѓаните реагираат дека мерките не даваат видлив резултат, зашто веќе не се работи само за ограбување на имот, туку стравуваат и за својата лична безбедност. Во отсуство на институционална помош, ќе бидат принудени самите да се организираат за самоодбрана, што може да доведе до трагични последици. Таков пример имаше од пред една недела кога во маалото „Трајаново трло“, беше фатен крадец на лице место, а потоа неговите роднини и соседи физички се пресметаа со мештаните, нанесувајќи им тешки телесни повреди. Таткото на детето што беше фатено во кражба и натепано, упати и смртни закани преку социјалните мрежи, но се уште е недостапен за органите на прогонот. Во целата ситуација најповеќе загрижува што освен во „Трајаново трло“ и „Усова чешма“, сега крадците „оперираат“ и во другите населби во градот и не се воздржуваат да ги нападнат домаќините доколку се дома.