Свет
31. January 2021 - 11:49

Шпан: Германија нарачува вакцини за 2022 година во случај да бидат потребни повеќе дози

Германија нарачува вакцини за 2022 година во случај да бидат потребни повеќе дози за имунизација против Ковид-19, рече министерот за здравство Јенс Шпан на онлајн конференција на форум на здравствени работници.

Тој додаде дека 2,3 милиони граѓани, од 83 милиони во Германија, веќе ја примиле првата доза на вакцината.

– Сега всушност нарачуваме нови вакцини за 2022 година, така што ќе имаме барем нешто при рака, рече Шпан, додавајќи дека никој не знае дали на Германија ќе и бидат потребни дополнителни количини.

– Веднаш штом ќе се прошират производствените капацитети, ние ќе нарачаме вакцини како мерка за претпазливост. Ако не ни требаат, добро, но ако ни требаат, тие ќе ни бидат достапни, истакна германскиот министер.

Националните и регионалните претставници задолжени за договор со фармацевтските компании и претставници на Европската унија утре ќе одржат состанок.

Баварскиот премиер Маркус Зедер предложи нови правила кои ќе овозможуваат на државата да има поголеми овластувања да ги насочува резервите на вакцини на оние на кои им се најпотребни.

Тој ги повика властите да размислат за одобрување на кинеската и руската вакцина за употреба во Европа.