Македонија
9. November 2017 - 14:59

Шекеринска: Македонија ќе ги испорача неопходните реформи за НАТО

Република Македонија со засилено темпо и реформи работи на исполнување на критериумите и стандардите за членство во НАТО, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Брисел каде на покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“.

- Успешно спроведените избори покажаа дека Република Македонија може да испорача резултати. Свесни сме дека полноправното членство во НАТО треба да го заслужиме. Во тој контекст, ве уверувам дека Република Македонија ќе покаже напредок во сите области во кои Алијансата детектираше проблеми во минатото. Нашата цел е Република Македонија да стане 30-та земја-членка на НАТО, рече министерката.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на состанокот, министрите за одбрана ја разгледаа безбедносната состојба во Авганистан и дискутираа за понатамошниот развој на операцијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“.

Министерката Шекеринска ја истакнала посветеноста на Република Македонија во поддршка на напорите на НАТО за унапредување на демократските капацитети на Авганистан и најави понатамошен зголемен придонес на Република Македонија во операциите на НАТО.

- Во духот на нашата посветеност кон вредностите што ги делиме со НАТО Владата на Република Македонија донесе одлука за зголемување на нашиот придонес во Авганистан во 2018 година за 20 проценти, рекла Шекеринска. 

На маргините на состанокот министерката Шекеринска, се наведува, побара поддршка за членството на Република Македонија во НАТО од заменичката на Генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер; државниот секретар на САД,  Џејмс Матис; од министрите за одбрана на СР Германија; Урсула вон дер Леуен; на Кралството Норвешка, Франк Баке – Јенсен и на Р. Италија,  Роберта Пиноти. Министерката се сретна и со министрите за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ; на Р. Албанија, Олта Џачка и на БиХ, Марина Пендеш.

Шекеринска Брисел НАТО

На покана на министерката за одбрана на СР Германија, Урсула вон дер Леуен, министерката учествувала на состанокот на земјите кои со свои капацитети и сили придонесуваат во Командата за обука, советување и помош – Север во Авганистан. 

На состанокот министерката се заблагодари за активната соработка и поддршката од страна на СР Германија во рамките на оваа Команда и уште еднаш ги искажа заложбите на Владата на Република Македонија за долгорочен придонес во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста, не само во евроатлантската област, туку и пошироко, стои во соопштението.