Живот
3. April 2019 - 9:09

Секој човек сака подадена рака

Осамени во староста, отуѓени во реалноста, стари и без никој свој во близина, посебни во барањето на живеење и битисување, но во срцата чисти, сите луѓе едни на други се исти, она што секој од нас го сака е во осамата – подадена рака, збор утешен, топол, мил. Тргнувајќи од оваа констатација локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, во координација со надлежните институции АВРМ и МТСП и финансиски средства од УНДП, го спроведува проектот од програмата за општинско корисна работа, со кој се ангажирани – негуватели на стари и изнемоштени лица, образовни асистенти за лица со попреченост и масери, лица со оштетен вид – лица со попреченост.

Координаторката на проектот Елена Христовска од одделението за локален економски развој при Општина Крива Паланка рече дека оваа мултисегментарна и сеопфатна програма првпат вклучи ваков профил на сите три типа лица, млади – невработени лица активни баратели на работа во разновидни активности со различни квалификации, со кои се направи комплетна инклузија и на корисниците од проектот и на давателите на услуги.

Со проектот во основно и во средно образование во градот се вклучени седум образовни асистенти за деца со пречки во развојот, кои се дел од редовниот процес на образование.

– Асистентите се присутни за време на часовите со учениците со попреченост, им помагаат во изработка на нивните училишни и домашни задачи, ги охрабруваат да се трудат да постигнат што повеќе во наставата, ги дополнуваат наставниците и професорите кои треба да работат со овие деца. Овие асистенти ќе бидат вклучени девет месеци, а отпочнаа со почетокот на учебната 2018/2019 година. Иако се ангажирани со скратено работно време, по четири часа дневно, нивниот придонес е повеќе од очигледен, децата се привикнаа на нивната помош, но и дружење, внимание и љубов, што е полн погодок за охрабрување на лицата со попреченост и нивното комплетно вклучување во секојдневието, рече Христовска.

Според психологот во ООУ „Илинден”, Снежана Јакимовска, асистентите се помош и поддршка и на децата корисници и на семејствата, но и на службата психолог, бидејќи многу се работи и е важно психолошки да бидат спремни и наставниците од одделенска и предметна настава за вклучување на сите лица со попреченост во редовната настава, понатаму и на родителите, семејството во целост, па и на сите вклучени, а асистентите ги надополнуваат сите тие неопходни сегменти и носат промени, видливи во заедницата.

– Образовните асистенти се одлично прифатени, се поврзаа со децата, а децата, пак, се приврзани со нив. Некои од децата имаат умерени попречености, некои различни дијагнози, од аутизам до дислексија, а сите, буквално сите, покажаа позитивни резултати од почетокот до денес. Некои од нив не сакаат да одат на настава доколку тој ден асистентот не е присутен, што покажува колку се искрени во срцата, дека секое дете, а и секој човек сака подадена рака, мал чекор за исчекор, мала помош за голема радост, рече Јакимовска.

Таа нагласи дека ООУ „Илинден” има и инклузивен тим, кој работи по програма, со предвидени среднорочни и долгорочни наставни содржини за реализација на истите, во соработка со наставниците, сите предвидени за секое дете поединечно.

Училиштето располага и со асистивна технологија за реализација на наставата на ученици со посебни потреби.

Инклузија и сеопфатна програма за развој на заедницата е она што го карактеризира проектот, преку опфатеноста на лица од руралните средини, лица со попреченост, деца на лица со попреченост, дечиња од различни националности.

Со проектот, исто така, е ангажиран и социјален работник во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост со дополнителни активности од четири часа дневно.

Јулијана Јакимовска е социјалниот работник што веќе шест месеци се дружи и работи со корисниците од центарот. Таа потенцира дека првите денови ѝ било тешко, можеби повеќе нејзе отколку на корисниците, зашто, вели, одеднаш се среќаваш со различни генерации лица, со различни попречености, а сите, со една единствена желба, да им се пружи внимание и да им се подаде рака на поддршка.

– Работиме музикотерапија, свириме, пееме, играме, физички ги ангажирам лицата, во рамките на центарот, правиме креативни работилници, разговараме. Се навикнавме едни на други, ги засакав сите на свој начин, посебни се, многу искрени, среќна сум што им внесовме ведрина и промена во секојдневието благодарение на проектот. Задоволство е да се работи ваква благородна работа, иако ова ми беше прво искуство од ваков тип, рече Јулијана.

Она што е специфично и несекојдневно во проектот е вклученоста на физиотерапевт масер за стари лица на кои им е потребна релаксирачка масажа, лице со оштетен вид.

Игор Ѓоргиевски, лице со целосно оштетен вид, беше ангажиран како масер физиотерапевт благодарение на сертификатот со кој се стекнал преку обука преку АВРМ во 2016 година.

– Во згрижувачкото семејство во кое престојував чичко Коста ми помогна да го научам материјалот, ми ги читаше и снимаше лекциите, научив и полагав теорија, бев на пракса во геријатрија, минав четиримесечна едукација и обука во училиштето за слепи и слабовидни во Скопје, по што положив за масер физиотерапевт. Поминав обука и за негуватели и многу ми значи што можам да бидам корисен за себе, финансиски, а и за другите. Многу сум среќен за можноста што ми се пружи и би сакал повторно да работам, не само на проект туку и постојано. Одлично се снаоѓам во просторот, набавивме со чичко Коста и монтажен стол за масажа, така што спремен сум да давам услуги во доменот физиотерапевт масер, рече Ѓоргиевски.

Скепса постоела кај дел од корисниците, но, вели координаторката Христовска, таа исчезнала по првата масажа, зашто одлично си ја познава и врши работата.

Во проектот се вклучени и четири негуватели на стари и изнемоштени лица над 62-годишна и 65-годишна возраст, кои еднаш во неделата ги посетуваат лицата што најчесто живеат во руралните средини и се сами.

Баба Љуба од селото Конопница има 85 години, а нејзините две ќерки живеат во Скопје. Сама е и, вели, многу ѝ е важно барем некој да затропа на вратата на нејзината куќа, некогаш исполнета со внуци, сега празна.

– Едвај чекам да ме посетат моите, јас ги викам ќерки. Тие ми се единствените посетители во текот на неделата. Немам ни соседи, најблиските се на повеќе од еден километар, а мене не ме служат нозете, само можам да ги вршам домашните работи. Тие ме расположуваат, ми мерат шеќер во крвта и притисок, ми носат лекови ако немам месечна терапија, дрва ми качуваат. Многу ги засакав и сакам да може да доаѓаат почесто, вели баба Љуба.

Рака пружена, сочувствителна, негувателска, рака за рака фатена на дете и асистент, рака на рака енергична, позитивна од физиотерапевтот масер е она што го карактеризира и му дава широка димензија на проектот со кој се добиени нови насмевки, денови исполнети со радост и месеци на задоволство, вклученост и дружење.

Ангажманот на дел од лицата во проектот веќе е завршен, дел од нив продолжуваат до крајот на учебната 2018/2019 година, а одговорните, согласно потребите произлезени од досегашните искуства, веќе прават подготовки за повторно аплицирање за спроведување на ист вид активности веќе од септември.

Колку и да сме различни според потребите, возраста или полот, колку и да сме успешни и умешни или, пак, немоќни или ожалостени, едно е сигурно, секој човек сака подадена рака.

Ирена Димитровска/МИА