Македонија
9. November 2016 - 16:59

Самка Ибраимовски ја напушти коалицијата на СДСМ

Се растура предизборната коалиција на СДСМ. Ромската партија на Самка Ибраимовски и официјално го напушта јатото на Заев и ќе бара место во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Информацијата за Сител ја потврди и лидерот кој рече дека веќе се направени контакти со владејачката коалиција и од понудата која што ќе ја добијат ќе зависи, дали Ибраимовски за прв пат ќе го облече црвениот дрес. Конечната одлука, Ибраимовски цели дека партиските тела ќе ја донесат вечерва по што ќе се знае, дали ќе најдат место во некоја од коалициите или пак ќе ги повикаат своите гласачи да ги бојкотираат изборите.

Листите кои викендов ги објави СДСМ предизвикаа бура незадоволство кај партиското членство и поддржувачите. Опозициски извори велат дека особено силно е незадоволството кај помалите коалициски партнери кои по овие избори ќе имаат двојно помалку пратеници во однос на последниот пратенички состав.

За членството и поддржувачите на СДСМ изборот на Заев и Шеќеринска е вовед во нова изборна катастрофа на 11 декември. Од почетокот на неделата, голем број опозиционери на социјалните мрежи излегоа со јасен став, дека со оваа кадровска понуда, СДСМ не треба да го очекува нивниот глас.

Освен во коалицијата, превирања имаше и во внатрепартиските редови. Софија Куновска, незадоволна од тоа што беше изоставена од кандидатските листи си поднесе оставка на функцијата прв човек на СДСМ Скопје.

Незадоволството не го крие ниту коодринаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски ниту пак долгогодишниот велешки пратеник, Марјанчо Николов.