Свет
11. March 2022 - 8:18

САД: На Киев не му се потребни воени авиони, туку ракети за одбрана

САД оценија дека на Украина навистина не и се потребни воени авиони за да се спротивстави на руските напади, туку планираат да испратат повеќе одбранбени системи „земја-воздух“.

– Авионите не се она што им е најпотребно на нашите украински партнери во моментов. Кога го анализираме уништувањето што Кремљ го прави во регионите на Украина, тоа е главно од ракети, проектили, артилериски оган, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, додавајќи дека авионите не се најдобриот начин да се елиминира таквото оружје.

Според Прајс, украинската армија има неколку ескадрили авиони способни да летаат. Тој нагласи дека ефикасноста на руската флота борбени авиони е ограничена од системите за воздушна одбрана на Украина на теренот, без разлика дали станува збор за поголеми ракети „земја-воздух“ или преносни системи „Стингер“ што ги обезбедуваат Американците.

Тој истакна дека САД ќе продолжат да испраќаат ракетни системи „земја-воздух“ во Украина.