Loading Video...
Свет
3. February 2023 - 12:25

САД: Кинески шпионски балон неколку дена лета над САД

Голем бел балон неколку дена лебди над САД а од Пентагон тврдат дека летечкиот објект е од Кина и е испратен во шпионска мисија. Американците велат дека додека не ја откријат неговата вистинска цел тој нема да биде соборен. Балонот бил забележан над сојузната држава Монтана на северозападот на САД каде што се наоѓа воздухополовната база „Малмстром“ каде што има силос за нуклеарни ракети. 

- Балонот е кинески шпионски балон. Поради тоа воспоставен е контакт со владата во Пекинг и истиот се уште е над територијата на САД, но тој лета многу над нивото на воздушниот сообраќај и не претставува никаква воена или физичка опасност за луѓето на земјата, изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.

Кинеската страна пак вели дека целата ситуација треба да се провери многу внимателно.

Инцидентот се случува непосредно пред посетата на американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен на Пекинг овој викенд.

Тензиите меѓу Кина и САД, двете најголеми економии во светот се зголемија од неодамна поради недоразбирањата околу Тајван и кинеските воени активности во Јужното кинеско море.