Македонија
15. May 2021 - 19:42

Родителите го креваат гласот против реформите на Царовска, за МОН протестите се апсурдни

Неколку стотици граѓани излегоа на протест во главниот град. Незадолволни од новиот Закон за учебници собираат потписи за референдум за образовните реформи. Нивните главни барања се сите ученици што поскоро да се вратат на настава со физичко присуство, да не се спојуваат по неколку предмети во една наставна програма и да не се отфрлат книгите, туку дигиталните учебници да бидат само дополнителен извор за учење.

Демонстрантите не се против реформи, но сметаат дека предложените не се доволно квалитетни. Бараат и оставка од министерката, за која велат дека нема слух за нив.

Од МОН, пак, велат дека сите промени ги креирале преку широка јавна дебата слушајќи ги сите засегнати страни. Оттаму велат дека да се протестира е легитимно, но во случајов не е оправдано.

-“Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества. Промените мора да се случат.

Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат”, пишува меѓу другото во соопштението на МОН.

Протестот започна точно на пладне пред МОН, продолжи кон Влада, за маршот да заврши пред Собрание, каде сега е поставен пулт за собирање потписи за референдум.