Македонија
14. March 2018 - 13:22

Ристовски: Законите за реформи во судството усогласени со опозицијата

- Потребата  за ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди, како и внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот, е целта на измените и дополнувањата на законите за судовите и за Судски совет, што Владата ги усвои на вчерашната седница и ќе бидат пуштени во собраниска процедура.   
 
Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, тие биле донесени во соработка со ВМРО-ДПМНЕ, чии забелешки биле прифатени и вградени во предложените решенија. 
 
Остана, рече тој, уште една пообемна измена што треба да се донесе во јуни или јуни годинава, а се однесува на депрофесионализација на Судскиот совет по препораки на Прибе и Венецијанската комисија. И на нив, како што рече, ќе се работи во соработка со опозицијата.
 
- Се размислува во насока избраните судии кои ќе бидат членови на Судскиот совет да продолжат да судат во судовите во кои суделе дотогаш, а функцијата во Советот да ја извршуваат дополнително. Нормата за предмети кои мора да ги пресудат ќе им биде намалена, рече Ристовски. 
 
Истакна дека ова решение се наметнало поради фактот што функцијата во Судскиот совет е на шест години, со можност за продолжување за уште шест, што би значело преголемо оддалечување на судиите од работата што ја извршувале и ќе треба во иднина да ја извршуваат.
 
Основна цел на измените и дополнувањата на Законот за судски совет, за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на РМ, е внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот на секои две години.
 
Се внимавало на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето, а истовремено се интервенира и во однос на одребите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот...
 
Измените и дополнувањата на Законот за судовите, пак, произлегуваат од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем.
 
За да се реши проблемот со недостиг на судии поротници се предвидува да може да се аплицира со минимум средно образование, за разлика од досега кога се било потребно високо образование, а се зголемува и дневницата која би требало да изнесува околу 500 денари, што, како што рече Ристовски, е зголемување за 2,5 пати од досегашната дневница.