Македонија
7. July 2021 - 16:40

Резолуцијата нема етничка боја тврди ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ќе достави забелешки

Содржината на Резолуцијата за преговарачките позиции на државата во спорот со Бугарија не е проблематична и во нејзе нема ништо навредливо за ниту еден граѓанин на Македонија. Ова е ставот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ како предлагач на документот откако ДУИ преку министерот Бујар Османи испрати порака дека текстот на резолуцијата треба да се пишува одново бидејки вака наместо државна се гради етничка позиција.

По ваквите реакции, првиот вицепремиер Груби ја ублажува позицијата на ДУИ, вели Резолуцијата ќе добие поддршка од пратеничката група на интегративците.

Против условувањето на ДУИ се изјаснија и од Социјалистичката партија.

„Доколку за ДУИ Резолуцијата во предложената форма е неприфатлива и бара сите партии да го усогласат текстот и по него да се гласа, тогаш Социјалистичката партија на Македонија преку своите пратеници нема да го обезбеди тој замислен и лицемерен "консензус" и нема да прифати било какви условувања и уцени со некакви дополнувања или изоставувања во текстот, како што нема да биде дел од организираниот театар како дел од антимакедонското сценарио сред Собранието на Република Македонија“, велат од СПМ.

Од Владата оставаат на парламентот да реши и за Резолуцијата и за предлогот на Тито Петковски од НСДП за консултативен рефењрендум за преговорите со Софија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат Резолуцијата ќе ја поднесат во парламентот утре, или најдоцна до петок. Од СДСМ веќе се изјаснија дека ја прифаќаат, а владејќаките помалите коалициски партнери побараа во нејзе само да се употребува уставнотот име. Албанскиот опозициски блок се уште конкретно не се изјаснил.