Македонија
10. August 2022 - 16:41

Ревизија: Ковид помошта делена без јасна стратегија, нема поврат на позајмените средства

За 23 милиони евра се намалиле приходите во буџетската каса откако не биле вратени парите од владините мерки за надминување на ковид кризата. Според анализата на Државна ревизија работодавачите и физичките лица корисници на помошта, вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање.

Според ревизорите, институциите потфрлиле и во распределбата но пред се во контролата на враќањето на доделената помош.

Поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во Буџетот на РСМ во износ од 448.698 илјади денари. Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра, се наведува во соопштението од Државниот завод за ревизија.

Ревизорите констатираат дека контролата била ненавремена и со мал опфат, спорен им е изборот на контролирани фирми а утврдиле и дека институциите немаат кадровска екипираност за системот да функционира.

Иако целта на помошта беше да се зачуваат работните места на работниците во погодените сектори, според податоците обезбедени од Агенција за вработување од почетокот на пандемијата до 31.декември 2020 година 17.022 работници ја изгубиле работата. Иако дел опсед фирмите земале помош, не им била исплатена плата на работниците.

При претворање на финансиската поддршка како неповратен грант признавани се набавки за вообичаени деловни активности на корисникот кои не се предвидени како услов за неповратна поддршка, што се должи на тоа што со уредбата за финансиска поддршка за исплата на плати не е прецизно уредено кои набавки нема да бидат признаени.

Од март 2020-та до април лани владата донесе одлука за шест пакети на економски мерки за помош на граѓаните и стопанството за надминување на последиците од ковид кризата.

Со оваа ревизија биле опфатени 36 проценти од ипслатените пари како дел од програмата на владата за справување со ковид кризата за 2020 и 2021ва која тежеше вкупно 205 милиони евра.