Loading Video...
Македонија
4. September 2019 - 16:17

Ременски три часа даваше исказ за ,,Рекет‘‘

Се што имав да кажам поврзано со случајот “Рекет” и улогата во Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски кажав пред обвинителот, изјави пратеничката и потпретседател на Собранието Фросина Ременски по речеси 3 часовниот распит. Таа во обвинителството за организиран криминал и корупција била повикана како лице кое треба да даде потребни известувања. Во зградата влезе и излезе сама, без адвокат. Ременски која е и почесен претседател на Сојузот рече дека лично не присуствувала кога била договарана трансакцијата меѓу Боки 13-ка и Силјан Мицевски да префрли 720.000 евра.

- Сите прашања поврзани со Меѓународниот сојуз, облигационите односи што ги има Меѓународниот сојуз со лица и фирми, значи лично присуство немам никакво. Во контекст на она што беше побарано од ЈО да го дадам како одговор на одредени прашања, кои можеби одат и повеќе од ова ваше прашање, јас нема да можам да дадам одговор бидејќи е во контекст на тајноста, изјави Фросина Ременски.

Ременски одговараше на сите новинарски прашања, но не откри ништо. Деталите ги кажала пред јавниот обвинител. За блискоста со Боки 13-ка рече дека тука се зборува за кривично правен настан, а не за лични релации. Ниту се сретнала ниту побарала да го посети во Шутка. Негираше дека се познавала со Кацица Јанева, Зоки Кичеец и Орце Камчев. Се воздржа од одговор дали била злоупотребена улогата на пратеник и потпретседател на Собранието. Не гледа причина зошто политичар не би бил повикан да даде изјава во Јавното обвинителство поврзано со некој настан.

-Ниту јас, ниту било кој спомнат или кои имаме фотографии со Бојан Јовановски може да биде прашање на интерес на надлежни институции, меѓутоа не може и не смее да биде прашање на првична осуда или првичен заклучок, изјави Ременски.

Неделава искази за случајот Рекет дадоа и бизнисменот Силјан Мицевски и сопствениците на Дрим Билдинг Ардијан Амзоски и Ресул Лога кои на меѓународниот сојуз префрлиле речиси милион евра, но поради непочитување на договорот си ги бараат парите. Деновиве искази треба да дадат и други лица чии имиња беа споменувани во јавноста. потврдија од обвинителството.