Свет
13. December 2016 - 13:17

Рекс Тилерсон нов државен секретар на САД

Претседателот на Извршниот одбор на нафтената компанија „Ексон-Мобил“, Рекс Тилерсон е определен да биде идниот државен секретар САД, соопшти денеска тимот за транзиција на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Неговиот избор треба да биде потврден во Сенатот, но изборот на Тилерсон се оценува како определба на новата американска администрација за олеснување на сегашните тензии што ги има Вашингтон со Москва.

Рекс Тилерсон (64) како и Трамп, нема никакво искуство во надворешната политика и во дипломатијата, но како прв човек на „Ексон-Мобил“ има изградено блиски односи со повеќе светски политички лидери, правејќи зделки низ Евроазија и Блискиот Исток за оваа најголема енергетска компанија во светот.

Американските медиуми потсетуваат дека Тилерсон, преку нафтениот бизнис, има изградено добри врски и со Русија и со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој е остар критичар на актуелната американска Администрација, затоа што воведе санкции против Русија поради анексијата на Крим во 2014 година.

Тилерсон е претседател во „Ексон-Мобил“ од 2006 година и најавуваше дека идната година ќе се повлече од компанијата.

Оваа нафтена компанија е присутна во над 50 земји на сите континети, каде е вклучен во експлоатацијата на нафта и гас.

Во 2011 година „Ексон“ потпиша договор со најголемата руска државна нафтена компанија „Росњефт“ за заедничка експлоатација и производство на нафта.

Од тогаш, двете компании имаат создадено десет проекти за заедничко вложување во Русија.

Тилерсон во 2013 година, беше одликуван од рускиот претседател Путин со Орденот на пријателството.