Живот
24. September 2020 - 13:37

Рекорд: Откриена најниската температура на северната хемисфера

Истражувачи при Светската метеоролошка организација (СМО) открија нов рекорд на најниска температура на Земјината северна хемисфера. 

Според запис пронајден неодамна, по редовни проверки, на Гренланд на 22 декември 1991 година биле измерени -69,6 Целзиусови степени. Тоа е за два степена пониско од досега познатиот рекорден студ.

Податокот е забележан од автоматска метеоролошка станица Клинк на Гренланд во средината на зимата пред речиси 30 години.

Досегашните познати рекорди од -67,8 Целзиусови степени се забележани во Верхојанск, Русија, во февруари 1892 година и во Ојмјакон, Русија, во јануари 1933 година.