Македонија
16. May 2017 - 20:26

Реката Вардар во Велес со минимално ниво

Реката Вардар во Велес во текот на мај е со многу ниско ниво кое не се памети во последните години.

Според информацијата од Центарот за управување со кризи, нивото на Вардар во Велес денеска изнесува 65 сантиметри колку што било и вчера. На 13 и 14 мај нивото било уште пониско, околу 60 сантиметри, а на 10 и 11 мај за некој сантиметар повисоко односно околу 70 сантиметри.

Според Атанас Угриноски од Управата за хидрометеоролошки работи од Скопје, ваквата состојба на минимално ниво на Вардар е последица на долготрајната суша.

- Споредено со овој период во изминати години, Вардар во Велес секогаш бил со ниво од 100 и повеќе сантиметри. Сегашната состојба на минимално ниво на вода во Вардар се должи на сушната зима и тоа што снегот годинава се стопи нешто порано уште во февруари, изјави Угриновски.