Македонија
8. August 2020 - 20:24

РЕК Битола: Работата се враќа во нормала по големите поплави

Се подобруваат состојбите во рудниците во РЕК Битола откако се поплавија заради последните обилни врнежи од дожд и го прекинаа ископот и транспортот на јаглен. Од ракoводството велат дека се работи на терен со сопствена механизација.

-Состојбите се подобруваат, се испумпува водата, се отстранува калта и полека се подготвува терен за багерските единици, во контакт сме со соседните земји кои имаат искуство со вакви непогоди, изјави ВАСКО КОВАЧЕВСКИ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА АД ЕСМ.

Овие два дена во функција успеале да стават еден од багерите, а до утре се очекува да биде ставен во функција уште еден багер.

-И на тој начин да обезбедиме континуирано работење на термоелектраната и работа на блокот кој сега е во функција и да го одржиме нивото на јаглен, околу 75 до 80 илјади тони јаглен што е вообучаена количина за летниот период. Со овој начин на работа, со еден блок како што работиме, може да работиме без грам јаглен во следните 10-11 денови, изјави ЗЛАТКО ЌУРЧИЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА РЕК БИТОЛА.

Во сливното подрачје на рудникот Суводол се слеале 630.000 м3 вода, а две багерски единици се делумно под вода. Во текот на вчерашниот ден, на состојбите во рудниците реагираа ВМРО ДПМНЕ според кои причината за хаваријата во РЕК Битола не се природните непогоди, туку неодговорноста и неспособноста на власта, на што реагираа од ЕСМ велејќи дека е неетички, нечовечки и неморално во услови на елементарна непогода и максимално вложување на вработените да се зборува за неспособност на комбинатот.