Балкан
27. јуни 2022 - 10:42

Речиси 60 отсто од Бугарите сметаат дека „францускиот предлог“ не ги зема предвид интересите на Бугарија

– Предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Северна Македонија предизвикува разочарување кај бугарските граѓани, покажуваат резултатите телефонска анкета спроведена од „Галуп интернешанл“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според истражувањето, 59,5 отсто од анкетираните Бугари сметаат дека со „францускиот предлог“ не се земени предвид интересите на Бугарија, 25 проценти оцениле дека тој „во доволен степен ги има предвид“ бугарските интереси, додека останатите немаат став.

Кога станува збор за изгласувањето недоверба на бугарската Влада на премиерот Кирил Петков. 48,1 отсто од испитаниците го одобруваат соборувањето на владиниот Кабинет, а 50,5 проценти не се согласуваат со таквата одлука на Собранието на Бугарија.

Податоците од анкетата покажуваат поларизација, но и одредена консолидација на поддржувачите на Владата, до кои се смета дека дошло како резултат на начинот на кој беше соборена Владата на Петков од страна на опозициските партии Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Движење за права и слободи (ДПС) и Преродба и од Има таков народ, која  досега беше дел од владејачката коалиција.

Анкетата покажува и дека мнозинството од испитаниците се надеваат дека новата влада ќе биде избрана од сегашниот состав на бугарското Собрание. Ваков став имаат 57,9 отсто од анкетираните, наспроти 40,6 проценти кои сакаат предвремени парламентарни избори.

На прашањето која партија треба да го добие мандатот за формирање нова Влада, 40,3 отсто сметаат дека тоа повторно треба најбројната политичка формација во бугарскиот Парламент – Продолжуваме со промената на Кирил Петков, додека 18,2 проценти сметаат дека мандатарот треба да го даде ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Помалку од 10 отсто од анкетираните сметаат дека бугарскиот претседател Румен Радев треба да го довери мандатот на некоја трета опција.

Со анкетата бил побаран став од испитаниците за досегашниот претседател на бугарското Народно собрание Никола Минчев, при што 39 проценти дале позитивна оценка за неговата работа, 31,6 отсто негативна, а 19,8 проценти немаат мислење.