Свет
6. December 2017 - 14:25

Реакции на најавите на САД за признавње на Ерусалим за израелски главен град

 Освен муслиманските земји, критики до САД поради најавеното признавање на Ерусалим како главен град на Израел денеска упатија и Европската Унија, Кина и Русија.

Федерика Могерини, во име на Европската унија, изјави дека статусот на Ерусалим треба да се реши низ преговори меѓу Израелците и Палестинците, при што Ерусалим треба да биде главен град на двете држави, а не само на Израел.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон се придружи на критиките упатени до американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека ќе го признае Ерусалим како главен град на Израел, како прв чекор кон преместување на американската амбасада од Тел Авив во светиот град.

- Да почекаме да видиме што точно ќе каже претседателот. Но, гледаме со загриженост на најавите бидејќи сметаме дека Ерусалим треба да биде дел од конечниот договор меѓу Израелците и Палестинците, кој треба да се постигне со преговори. Ние самите не планираме да ја преместиме амбасадата, изјави Џонсон.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека тие го признаваат источен Ерусалим како главен град на идната палестинска држава, додека западниот дел на Ерусалим, за нив, е главен град на Израел.

Претставник на кинеското Министерство за надворешни работи ги повика „сите страни да ги имаат предвид мирот и стабилноста во регионот, да внимаваат на своите зборови и постапки и да избегнуваат чекори кои ќе ја нарушат можноста да се најде решение за статусот на Палестина“.

Претходно, како што јави МИА, остри критики кон Трамп беа упатени од голем број муслимански држави. Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу напомена дека би било „огромна грешка“ ако САД ја преместат Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим и рече дека за тоа веќе го предупредил и државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

- Тоа би било огромна грешка. Тоа нема да донесе никаква стабилност, туку побрзо ќе донесе хаос и нестабилност, наведе Чавушоглу пред средбата со Тилерсон во седиштетот на НАТО.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит во предупреди дека признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на Администрацијата на Трамп ќе го поттикне фанатизмот и насилството и нема да биде во интерес на мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците.

Јордан го предупреди Трамп какви опасни последици може да предизвика таков чекор од негова страна.

- Таквата одлука ќе предизвика гнев меѓу Арапите и муслиманите, ќе ја зголеми затегнатоста и ќе ги упропасти напорите за постигнување мир, напиша на Твитер јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади.

- Таквата одлука ќе придонесе за дополнително дестабилизирање на регионот и ќе обесхрабри многумина од оние кои се уште веруваат дека мирното решение е можно со цел да се стави крај на повеќе од 50-годишната окупација, 70-годишното прогонство и децениското систематско кршење на палестинските национални и човекови права, констатираше генералниот секретаер на Палестинската ослободителна организација Саеб Ерекат.

Генералниот секретар на ПЛО истакна дека Ерусалим е „општествено, политичко, културно и економско срце на Палестина“.

- Ерусалим, исто така е и срце на милијарди верници од три монотеистички религии, вклучително и стотици милиони арапски христијани и муслимани. Тој е срце на арапскиот свет. Тој е важен симбол на нашата религија и неговата судбина е клучна за сите напори кои водат кон мирен и стабилен регион, потенцираше Ерекат.

 

Палестинското исламистичко движење Хамас соопшти дека намерата на американскиот претседател ги преминува сите „црвени линии“ и ги повика Палестинците на демонстрации в петок, кој го прогласи за „ден на гневот“.

- Со признавањето на окупираниот Ерусалим за главен град на окупаторот и со преместувањето на Амбасадата, американската Администрација ги преминува сите црвени линии, изјави лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во писмо до лидерите на арапските и муслиманските држави.

Преместувањето на Амбасадата на САД е сигнал за „опасна ескалација“, смета Ханија и го обвини Трамп дека се обидува да го прикрие стремежот на израелската Влада да го „јудеизира“ Ерусалим.

САД веќе им забранија на американските владини службеници какво било движење од лични причини во Стариот град на Ерусалим поради очекуваните протести на Палестинците. Забраната важи и за Западниот Брег. Дозволени се само службени движења од суштинско значење, придружени со дополнителни мерки за безбедност, прецизира Стејт департментот.

Статусот на Ерусалим е едно од спорните прашања меѓу Израел и Палестинците. Додека Израел инсистира дека Ерусалим е главниот град на еврејската држава и таму се сите државни институции, дипломатските претставништва функционираат во Тел Авив.

Палестинците сметаат дека источниот дел на градот, кој Израел го освои во Шестдневната вона во 1967 година, треба да биде главен град на идната палестинска држава. 

Дури Трамп и да донесе одлука, самото преместување на Амбасадата се очекува дека може да трае со години.

Американскиот Конгрес во 1995 година со големо мнозинство донесе одлука да ја премести Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, но му даде можност на претседателот да ја одложи таа одлука на секои шест месеци. Сите претседатели од тогаш ја искористија можноста да ја одложат одлуката, но во изминатите недели дојдоа информации дека претседателот Трамп е решен конечно да го преземе тој чекор.