Македонија
29. July 2018 - 16:23

„Различни, а сепак исти“: Ученички од Битола во борба со предрасудите

Две средношколки од Битола, Македонка и Албанка, преку заедничка книга напишана на македонски и албански јазик се борат против предрасудите во општеството.

Преку книгата „Различни, а сепак исти“, испраќаат порака да се надминат стереотипите меѓу националностите и религиите, и да се прифатат различностите на луѓето. Токму онака како што се родило и нивното другарство во битолската гимназија.

-Видовме двете дека имаме слични таленти, дека двете пишуваме убаво и рековме, зошто да не направиме некоја книга што ќе го скрши целиот тој мраз на дискриминација, стереотипите и ќе ги претставува сите тие различности, но и сличности меѓу нашите религии и нашата националност. Сите треба да се дружиме, без разлика на вера, националност, сите треба исто да живееме во државата. Би сакала сите да го следат нашиот пример, вели Бесјона Јусуфи, автор на книгата „Различни, а исти“.

Идејата за заедничка двојазична книга ја добиле поттикнати од напнатоста на секојдневието кое не опкружува.

-Делење има меѓу нас, Македонците и Албанците, сето она што се случува на вестите, што читаме, гледаме, слушаме, сакавме да нема повеќе дискриминација, да не се двоиме меѓу нас. Секоја парталава книга ги содржи најубавите приказни, така и со нас луѓето. Сите сме различни, но она што го делиме е љубовта, која ги сака луѓето, не треба да покажуваме омраза, без разлика на се, изјави Ангела Пандовска, автор на книгата „Различни, а сепак исти“.

16-годишните Бесјона и Ангела се две млади девојки кои сакаат да припаѓаат на модерното време, без предрасуди, и како што велат, животот треба слободно да се живее, опуштено без никаков притисок.