Македонија
10. December 2018 - 18:22

Расте бројот на кражби во Струмица

За десет месеци на подрачјето на СВР Струмица се регистрирани близу 450 кражби, од кои над 300 се тешки. Материјалната штета која е направена изнесува над 20 милиони денари.

Крадците најчесто оперирале по куќи станови, продавници и возила. Најмногу биле заинтересирани за златен накит и пари, но со себе носеле и рачни часовници, очила за сонце,  парфеми и мобилни телефони.

Според полициските извештаи,  операциите во најголемиот број случаи ги вршеле со отворање на влезните врати со погоден клуч, користеле ракавици, но и со поставување на тенка фолија во цилиндарот на бравата за да се избегнат механички траги од подесниот клуч. Регистрирани се и случаи кога вратите биле отворани насилно. Пред да тргнат во акција крадците прво добро се информирале за активностите на сопствениците на објектите.

,, Извршителите многу добро се запознаени со приликите на оштетените при што периодот на случување на кривичните дела најчесто е кога оштетените се отсутни од домот   и тоа најчесто во временскиот период  од 18:00 до 24:00 часот најчесто кога присуствуваа на некакви  забави прослава и се отсутни од своите домови..,,вели Хризантема  Рендевска потпарол на СВР Струмица.  

Во последните три месеци регистрирани се и повеќе случаи на кражби во подбеласичките села, посебно во местата во кои поголем дел од населението се наоѓа на привремена работа во странство.

,, Предмети на кражба се парични средства, златен накит, телевизори, рачни часовници, моторни пили и разновиден алат.,, вели Рендевска 

Од полицијата информираат дека близу половина, односно 202 од вкупно регистрираните  кражби веќе се реализирани, а крадците пронајдени. Активно се работи на расчистување и на останатите случаи.