Македонија
8. August 2020 - 16:52

Расте бројот на болни во геријатрија, ДСЗИ не утврдил пропуст во работењето

Епидемиолозите од скопскиот центар за јавно здравје го бараат нулта пациентот од персоналот кој го донел коронавирусот во Геријатрија во Ѓорче. Анкетите кои се во тек треба да покажат како дошло до ширењето на Ковид-19 во установата во која се згрижени повозрасни лица со сериозни заболувања. Досега позитивни се 16 пациенти и тројца вработени асимптоматски кои пак пријавиле дека имале контакт со уште тројца нивни колеги. По вчерашниот вонреден надзор ДСЗИ и ЦЈЗ Скопје во понеделник повторно ќе ја посетат болницата и ќе ја анализират состојбата.

-Во моментот ДСЗИ не најде забелешка, се почитуваат протоколите, вработените носат соодветна заштитна опрема. Позитивните се одделени на 3 спрат од другите болни. И тоа се 16 позитивни пациенти за кои се грижи само одреден број на персонал кој строго ги почитува алгоритмите за носење на лична заштитна опрема. Од персоналот 3-ца се позитивни и во комуникација сме со ЦЈЗ Скопје во тек се епидемиолошките анкети меѓутоа има уште тројца контакти од персоналот, изјави за Сител д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Според директорката во моментот во установата од вкупно 16 има 11 позитивни пациенти, кои се без симптоми и нивната здравствена состојба засега е стабилна. Двајца кои имале потешка клиничка слика се префрлени на лекување на Инфективна, а тројца во Ковид центарот во Козле.

Во моментот во специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина хоспитализирани се 217 лица, а за нив се грижат стотина вработени.

Уште од почетокот на пандемијата со Ковид -19 најголем предизвик за здравствените власти беше да се спречи вирусот да влезе во геријатрија и домовите за стари лица зошто оваа категорија на граѓани е меѓу најризичните.