Свет
22. November 2021 - 10:57

Раст на цените на акциите на европските берзи и покрај лошата епидемиолошка состојба

На европските берзи утрово пораснаа цените на акциите и покрај ширењето на коронавирусот во Европа, поради што некои земји воведуваат построги епидемиолошки мерки, кои би можеле да го забават закрепнувањето на економиите од корона-кризата.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во плус 0,3 отсто во 9.30 часот.

Лондонски FTSE индекс зајакна 0,26 отсто, на 7.242 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,04 отсто, на 16.165 поени, а париски CAC 0,39 отсто, на 7.138 поени.

Од друга страна, на повеќето азиски берзи цените на акциите утринава паднаа, па MSCI азиско-пацифичкиот берзански индекс, без јапонскиот, беше во минус од 0,1 отсто околу 9.30 часот.

На берзата во Токио индексот Никеи зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,5 и 1 отсто. Во Хонг Конг и Австралија, пак, тие паднаа за околу 0,5 отсто.

На берзите има внимателност поради новото брзо ширење на Ковид-19 во Европа. Австрија во петокот стана првата земја што повторно одлучи да воведе целосно „заклучување” за да го спречи новиот бран на зараза.

Германија, најголемата европска економија, исто така предупреди дека Ковид-19 може да доведе до целосно затворање.

Инвеститорите стравуваат дека другите европски земји би можеле да го следат примерот на Австрија, што може да го попречи економското закрепнување на регионот од корона-кризата.

Во САД, инфлацијата во октомври го достигна највисокото ниво во последните 30 години и веќе пет месеци по ред се движи над 5 отсто, што е значително над целта на Федералните резерви на САД од 2 отсто.

Инвеститорите стравуваат дека поради растот на цените на суровините и прекините во синџирите на снабдување, високата инфлација би можела да трае подолго отколку што се надеваа многумина, вклучително и ФЕД.