Македонија
6. July 2022 - 12:26

Расправија за паркинг место заврши со смрт на 22-годишно момче од Струмица

Банална расправија за паркинг место е причината за тепачката во Струмица во која 22-годишно момче беше усмртено, а уште три лица се повредени. Ова денеска го потврдија I од јавното обвинителство од каде што информираа дека три лица поврзани со овој случај веќе се приведени и се наоѓаат во полициска станица, а телото на починатиот е дадено на обдукција.

„На 06.07.2022 во 05.10 часот, во Радовиш, по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Струмица - Полициска станица Радовиш ги лишиле од слобода М.Ј.(22), Р.А.(33), а претходно, околу 03.00 часот во с.Дедели, од полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово е приведена и Ј.Т.(44), сите од Струмица,“ соопшти Александра Трајанова - портпарол на СВР Струмица.

Немилиот настан се случи синоќа на улицата Бетовенова во турското маало во Струмица за време на расправија помеѓу две семејства. Во тепачката повредени се уште три лица од семејството на починатото момче. Според првичните информации се работи за неговиот брат, мајка и најверојатно баба.

„По претходна расправија поради нарушени меѓусемејни односи, на ул.,,Бетовенова“ во Струмица, М.Ј. со остар предмет му нанел повреди на А.Б.(22) од Струмица, кој подоцна починал во Медицинскиот центар Струмица. Додека, Р.А., исто така, со остар предмет ги нападнал и повредил Б.Ј.(69), З.Б.(45) и О.Б.(20), сите од Струмица, на кои им е укажана лекарска помош во Медицински центар Струмица“, информираше Трајанова.

Од струмичката болница потврдија дека синоќа кај нив биле донесени четири лица. Прободеното момче  во болницата е примено мртво, а лекарите само ја констатирале неговата смрт. Останатите три лица биле со  лесни убодни рани и се наоѓаат надвор од животна опасност. Неговиот брат уште синоќа е пуштен на домашно лекување додека двете жени се задржани во болницата,  но во текот на денешниот ден и тие ќе заминат дома.