Бизнис
23. јуни 2018 - 19:37

Работодавачите очекуваат притисокот за раст на платите да ги турне компаниите во големи проблеми

Платите растат зашто во Македонија има сè помалку квалификувани работници. Работодавачите велат дека дополнителен притисок за нив претставува и покачувањето на минималната плата, a на долг рок компаниите ќе се соочат со големи проблеми. Статистика објави дека просекот на платите во април годинава е без малку 24.000 денари, што е за 5,5% поголем од истиот месец лани.

“Зголемувањето на платите е очекувано и се случува поради два фактори, притисокот на компаниите за покачување на минималната плата и недостигот од работна сила во голем број сектори. Но, како тоа ќе се одрази понатаму? За мене важно е компаниите во трудоинтензивните дејности да добиваат одредена поддршка во вид на набавка на автоматски машини за да се надомести недостигот од работна сила со зголемување на продуктивноста. Ако тоа не се стори, на долг рок овие компании ќе бидат во огромни проблеми зашто ќе немаат работна сила, а од друга страна нема да можат да ги зголемат платите”, изјави Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Најплатени се вработените во секторите информации и комуникации, финансиски дејности и осигурување, каде просечната плата надминува 40.000 денари. Најмалку платени се работниците во трудоинтензивните дејности, каде во одредени сектори месечните примања на вработените се за дури 40% пониски од просекот.