Македонија
13. January 2018 - 16:04

Работни групи предводени од Димитров и Коѕијас за прв пат ќе се вклучат во преговорите за името

Шефовите на македонската и грчката дипломатија Димитров и Коѕијас директно ќе се вклучат во решавање на спорот со името. По средбата зад затворени врати, министерот Димитров во интервју за тв 21 вели дека за прв пат и двете страни се подготвени на ваков чекор кој може да го олесни процесот, а првиот состанок на работните групи најверојатно ќе се реализира следниот месец.

 Се уште немаме предлог на масата за решавање на спорот со името. Одлучивме да го охрабриме медијаторот Метју Нимиц да излезе што е можно побрзо, дури и идната среда, со една првична рамка што ќе послужи или што ќе даде насоки за суштински напредок и најавивме подготвеност да се вклучиме како шефови на дипломатии директно, нешто што досега не се случило, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров 

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека вакви работни групи може да функционираат само доколку веќе постои одреден политички договор. Дали спорот ќе се решава со посредство на Обединетите нации или преку работни групи, според Арсовски не ја менува суштината дека Македонија е притисната за што поскора интергација во НАТО и Европската унија. Нов предлог за името тој не очекува пред самитот во Давос.

Дали овие работни групи ќе дадат некаков придонес сепак ќе стане појасно по новата рунда преговори кои медијаторот Нимиц ја закажа на 17 јануари во Њујорк, но и евентуалната средба на премиерите на маргините на економскиот форум во Давос. Резултатот од оваа средба ќе покаже и дали е оправдан оптимизмот на премиерот Заев и неговиот грчки колега Ципрас дека 25-годишниот спор помеѓу двете земји може да биде решен до средината на оваа година.