Македонија
14. August 2022 - 16:38

Работејќи без дозвола го оставиле Пржино без вода, општината најавува казни

Инвеститор почнал да гради без правосилна дозвола и ја оштетил главната водоводна цевка во населба Пржино. Хаваријата настанала вчера попладне откако почнале да копаат темели за зграда. На соседите им ги поплавил подрумите и дворовите а голем дел од населбата остана со часови без вода. Парцелата се наоѓа на ул. Стрмашево каде вчера по повик на соседите интервенирала и полицијата. За овој случај се води спор и пред Управниот суд.

За овој проблем реагираа и други соседи на социјалните мрежи а од видеата се гледа дека е предизвикан огромен базен на парцелата. Напукнат е и потпорниот ѕид на соседите.

По пријава интервенирале и Водовод и канализација за санирање на дефектот велат од претпријатието. Жителите добиле повторно вода во доцните часови.

Изведувачите на проектот почнале со работа иако општинските инспектори минатата недела по пријава на граѓаните излегле на терен и  утврдиле дека тој нема правосилно одобрение за градба. Од Општина Кисела Вода за Сител велат дека се работи за наследен проблем од претходното раководство.

„ Инвеститорот своеволно во петокот и саботата продолжил со активности и тогаш доаѓа до пукање на водоводна цевка Ф100. Против инвеститорот ќе бидат преземени сите законски мерки и дополнително ќе се утврдува дали ја оштетил и улицата која неодамна е реконструирана во рамки на проектот за реконструкција на сите улици во Пржино“

Другите соседи не сакаа да говорат пред камера но ги затекнавме како исфрлаат вода од гаражата која им се поплавила целосно од вчерашната хаварија. Според таблата која е поставена на незаштитената парцела за градба, Инвеститор е фирма од Велес а изведувачот е од Скопје.