Македонија
11. August 2020 - 19:41

Првачињата ќе седнат во училишните клупи, останатите ќе следат онлајн настава

Онлајн настава за сите освен за првачињата кои ќе седнат во училишните клупи. Ова е предлогот на Комисијата за заразни болести што го соопшти министерот за здравство по долгите дебати и дискусии за стартот на учебната година. Истата информација ја споделил и на денешната владина седница од каде соопштија дека го усвоиле планот на МОН за наставата, но моделот за учење ќе биде дефиниран на утрешниот состанок со Комисијата. Филипче за Сител вели дека мора да бидат претпазливи бидејќи не сакаат зголемување на педијатриските случаи со Ковид 19, но и не се знае каква есен не очекува.

-Не само ние, многу се претпазливи бидејќи не се знае како ќе биде наесен, а не сакаме деца во затворени простории, но и не знаеме како ќе биде во заеднички ходници каде делат ист простор, земањето од школо. Одлуката во секој момент и може да ја промениме и да тргнат на училиште, но еве има искуства, како во Израел каде по птворањето на училиштата се зголеми бројот, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Дали овој предлог на Комисијата ќе биде официјален или ќе има промени ќе се знае утре.

-Ние почнавме дискусија на Влада, ќе продолжиме и утре по што дефинитивно ќе се знае кој ќе биде моделот, вели Филипче.

Досега на маса беа три опции – физичко присуство на учениците во училиштата, он лајн настава и комбиниран модел. Во јавноста се водеа бурни дебати и дискусии дали и кој ќе гарантира за безбедноста на децата доколку седнат во училишните клупи, но и ќе бидат ли писмени и учени со он лајн настава. Илјадници родители потпишуваа и петиција за учење од дома, додека, пак, епидемиолози беа со став дека сегашните бројки на заразени се голем ризик за учење од клупа.