Македонија
19. March 2019 - 8:40

Прва средба на Националното координативно тело за пристап до правда од областа на животна средина

Во рамки на проектот: „Еднаков пристап за ефективна правда“ имплементиран од страна на Здружение на граѓани Флорозон – Центар за еколошка демократија, во партнерство со Environmental Law and Management Association EMLA – Унгарија, денеска во Скопје, ќе биде организирана првата средба на Националното координативно тело за пристап до правда од областа на животна средина.

Координативното тело е составено од репрезентативни членови од: Министерството за правда, Адвокатската комора, Академијата на судии и јавни обвинители, канцеларијата на Народниот правобранител, граѓанските организации и универзитетите од државата.

Како што се наведува, Националното координативно тело ќе придонесе кон градењето на ефективен систем на правна помош во земјата, ќе овозможи меѓусекторска соработка и соработка помеѓу главните чинители основана врз партнерство и вмрежување vis-à-vis судската реформа за бесплатна правна помош.

На овој настан ќе биде презентиран Position Paper, кој се однесува на новиот Закон за бесплатна правна помош, а учесниците ќе имаат можност да ги дадат своите ставови во однос на предложените промени.

Со спроведување на активностите од овој проект, ќе се влијае врз зголемувањето на капацитетите на релевантните институции, подигнувањето на јавната свест за правото на еколошка правда и унапредување на постоечките механизми на правни лекови.

Од последните истражувања, кои се направени во државата, евидентирани се голем број усвоени планови и стратегии за унапредување на животната средина, како во развиените, така и во руралните предели на државата, но согласно Извештајот од Европската Комисија и препораките од страна на Делегацијата на Европската Унија, постои потреба за нивна ефикасна имплементација и спроведување. Генерален заклучок за моменталната состојба во која се наоѓа Република Северна Македонија, во однос правата за здрава животна средина, е дека тие континуирано се прекршуваат и пристапот до нив е оневозможен, пред сè поради комплексните судски процедури, за кои граѓаните ниту се информирани, ниту пак имаат средства да си ги овозможат, посочуваат организаторите.