Свет
28. јуни 2020 - 15:44

Протести во Хонг Конг против власта, 53 уапсени

Најмалку 53 лица се уапсени откако избувнаа судири за време на протестите против планот на централната власт на Пекинг за спроведување на Законот за национална безбедност во Хонг Конг.

На планираниот „тивок протест“ присуствуваа неколку стотици луѓе.

До судирите дојде откако демонстрантите извикуваа разни пароли кон полицијата, по што таа употреби бибер спреј.

Полицијата во Хонг Конг соопшти на Фејсбук дека 53 лица се уапсени и обвинети за нелегални собири, истакнувајќи дека некои демонстранти се обиделе да блокираат патишта во таа област.

Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес на Кина денеска го разгледуваше нацрт-законот за национална безбедност за Хонг Конг, кој предизвика многу критики на Запад, јави кинеската државна агенција Ксинхуа.

Денешните протести се случија еден ден откако полицијата во Хонг Конг одби да издаде дозвола за годишниот марш, што обично се одржува на 1 јули за одбележување на примопредавањето на Хонг Конг во 1997 година, повикувајќи се на забрана за големи собири поради пандемијата на коронавирусот.
 
Предлог-законот предизвика загриженост кај некои активисти и странски влади дека Пекинг ја намалува автономијата на Хонг Конг, што беше ветено кога Британија ја предаде територијата на Кина во 1997 година.

Новиот закон, како што претходно соопштија кинеските власти, предвидува спречување и казнување на актот на отцепување, субверзија и терористички активности што ја загрозуваат националната безбедност.