Македонија
20. July 2019 - 10:34

Пронајдена и отстранета школска бомба во центарот на Прилеп

Во угостителскиот објект, кафе-барот „Кафе ин“ во строгиот центар на Прилеп ноќеска во 23,10 часот е пронајдена школска бомба што, според полицијата, немала експлозивно полнење.

Полицијата го обезбедуваше просторот околу кафе-барот и се чекаше единица од МВР да ја отстрани бомбата.

-Веднаш се преземени соодветни мерки и школската бомба е подигната од местото. Нема повредени лица, ниту материјална штета. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Просторот во центарот на градот беше под силно полициско обезбедување. Ова беше на околу 300 метра оддалеченост од главната бина каде се одржуваше концертот на српската фолк-пејачка Светлана Ражњатовиќ-Цеца во рамките на втората вечер на „Пивофест“ кога имаше бројни посетители. И воопшто, во централното подрачје, на штандовите имаше многу посетители и гости.

Ова е вторпат за десетина дена пред истиот кафе-бар во центарот на градот да биде поставена рачна бомба. На 10 јуни околу пладне беше пронајдена рачна бомба пред истиот кафе-бар, „Кафе ин“ за која се констатира дека е „кашикара“, наполнета и активирана, но не експлодираше. За тој случај сѐ уште се води истрага.