Македонија
3. November 2016 - 12:56

Промовирана платформата GetData за истражувачко новинарство

Новинарите и невладините организации од денеска ќе можат да ја користат платформата www.getdata.mk која ќе им служи за истражувања поврзани со корупцијата и владеење на правото.

Промоторите на платформата, граѓанската асоцијација МОСТ и порталот НОВА, информираат дека оваа алатка ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може јавно да се дојде до јавни информации кои можат да им бидат од корист на истражувачите.

Покрај базите на податоци од Македонија, GetData нуди и опција за пребарување на сите достапни бази на податоци во светот.

Организаторите го промовираа и проектот „Медиа платформа на застапување“ кој е изработен во рамките на платформата. Целта на проектот е да се даде придонес кон, како што велат,  овозможувачката околина за квалитетно истражувачко новинарство и зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанските организации.

Од МОСТ информираат дека во рамките на проектот ќе бидат организирани и регионални обуки за застапување и истражувачко новинарство.