Македонија
9. September 2016 - 14:37

Промоција на книгата „Опеана Струмица“ на Иван Котев

Во малата сала при НУЦК „Антон Панов“ во Струмица вечер со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Опеана Струмица“ на Иван Котев. Станува збор за дело кое во себе содржи песни во кои е спомната и опеана Струмица.

- Создавањето на оваа книга се наметна како насушна потреба! Да пополни една празнина, да го зачува и покаже нашето фолклорно богатство. „Опеана Струмица“ е плод на 45-годишната напорна работа. Поголемиот број песни се запишани и снимени на магнетофон од авторот, а дел се преземени од поголем број зборници и збирки печатени во Македонија и во странство. Песните преземени од зборници, пред сеж од Република Бугарија, во Зборникот се предадени според правилата на современиот македонски правопис, вели авторот Котев.

Додава дека основен критериум при одбирот на песните било спомнувањето на Струмица или друго населено место во Струмичко. Истовремено, Котев ги зел во предвид и песните во кои се спомнуваат топоними поврзани со Струмица и Струмичко. За секоја песна, доколку ги има е назначен изворот со сите податоци. Во книгата, над 300 страни се собрани песни од народното творештво, но и новокомпонирани.

„Опеана Струмица“ е трета книга од овој вид во Македонија. Досега вакви книги објавиле Филип Каваев и Марко Китевски. Промотори на „Опеана струмица“ ќе бидат Ана Рингачева-Витанова и Сузана Мицева, а медијатор Ѓорги Кајалџиев.